На 21 март 2023 година во галерија „Мисијата“ на Државен културен институт кон Министерството за надворешни работи на Бугарија беше отворена меѓународната изложба „Насоки“. Делата од изложбата се настанати во последните 11 години, по време на Меѓународната ликовна колонија во Созопол, која секоја година се одржува во првите денови од месец јуни и е дел од Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“. Изложеното лево крило од диптихот „Пејзаж од планета“ на Иво Пецов е создадено во 2022 година.
На овој значаен настан, со кој се одбележува 30 годишнината од членството на Република Бугарија во франкофонската заедница, присуствуваа многубројни претставници на странски амбасади во Бугарија и амбасадори, а исто така голем број уметници и гости. Меѓу присутните беше и министерот за надворешни работи на Р. Бугарија г-н Николај Милков, како и потпретседателката на Р. Бугарија г-ѓа Илијана Јотова, под чија патронажа се организираше настанот и која официјално ја отвори изложбата од 20 автори, од различни земји – членки на франкофонската заедница.
На изложбата, која ќе трае до 18 април, може да се видат делата на авторите од Северна Македонија: Симонида Китановска, Марјан Ѕингаров и Иво Пецов. Бугарија е претставена со делата на: Рада Цанкова, Греди Аса, Мариета Конова, Рајна Стојмирова, Албена Шениовска, Михаил Бешев и Момчил Мирчев. Франција е застапена со делата на Ана Корнеруп Банк, Ив Гобар, Ѓукче Делагранж, Клеман Бонвиле. Од грузиските автори се присутни: Софија Татарашвили, Елене Мелкадзе, Кетеван Давланидзе. Албанските автори се застапени со делата на Еми Бехари, Ералд Незај, Бесиана Манала. Присутни се делата на романските автори: Софија Овежан, Матеј Лазард и Ференц Золтан, а Грција е претставена со делата на: Јоанис Сарсакис и Јоанис Кампасакалис.
На отворањето, освен г-ѓа Илијана Јотова, говореа и директорката на Државниот културен институт, Снежана Јовева и директорката на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“, Александрина Исајлова, која ја претстави изложбата. Во продолжението на вечерта беа читани литературни извадоци на француски јазик од ученици и студенти.