• English
  • Български
  • Македонски

Второ претставување на десеттата јубилејна изложба „Средба од десетти вид“ во град Сандански. Куратор: Иво Пецов

На 8 ноември 2023 година во Уметничката галерија на град Сандански се одржа отворањето на јубилејната изложба „Средба од десетти вид“, која е дел од проектот „Поврзување“ на КИЦ на РСМ во Софија и е подржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија. На изложбата беа претставени околу 50 ликовни дела од 16 автори.

На настанот присуствуваа значајни претставници од културниот живот во град Сандански, уметници и љубители на ликовната уметност, како и раководството на Општина Сандански.

Изложбата ја отвори градоначалникот на Сандански г-н Атанас Стојанов, кој се обрати кон гостите срдечно и посака успешна соработка од областа на културата и во иднина. Директорот на КИЦ на Северна Македонија проф. д-р Сашко Насев ја искажа својата благодарност за гостопримството на Општина Сандански и подадената рака за соработка. Кураторот д-р Иво Пецов ја претстави содржината на изложбата и конкретно се осврна на авторските имиња и делата вклучени во неа.

Уметничката галерија на град Сандански, која е во склоп на Домот на културата, беше домаќин на „Средба од десетти вид“ до 19 ноември 2023 година.

Изложбата беше дел од настаните со кои се одбележа 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Авторите кои учествуваа се ликовни уметници од Северна Македонија, кои живеат и работат во Бугарија: Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов и Зоран Мише. Исто така беа опфатени и дела на автори кои живеат и работат во Северна Македонија: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим. Освен нив беа вклучени и бугарските автори: Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев. Јубилејна изложба од 2023 година во својот творечки состав за првпат вклучи и автори од други земји, како што се Рикардо Кварежма Виејра и Валтер Праташ, од Португалија, и Золтан Ференц, од Романија.

 

***

„Насловот на овогодишната изложба „Средба од десетти вид“ е игра на зборови, избрани со интенција за асоцијативност во перцепцијата. Од една страна тој го вклучува третирањето на необичностите на нашата современост, во кое се изоструваат и поларизираат позиции, мислења, гледишта, естетски преференции... Од втора страна стои љубопитноста на човекот и неговите усилби за раширување на хоризонтите, за изнаоѓање на нови простори на познание, можеби преку средби слични на оние со вонземјани, за кои постојат класификации од областа на уфологијата. Од трета страна стои конкретниот јубилеј 10 години Проект „Поврзување“ кој секоја година ги среќава македонските уметници со своите бугарски колеги во заеднички изложби пред културната публика.

На фонот на целиот современ медиумски шум, нашите уметнички средби добиваат необичен вид и како да треба да се движиме спроти текот на целото „нормално“ околу нас. Во услови на отуѓување меѓу луѓето и силната поларизација на општествата нѐ дебне осудувачкиот тон на оние кои сакаат да не видат разделени, предлагаат разделеност и прекинување на контактите. Во тој контекст нашите усилби, преку нашите уметнички средби под формата на изложби, изгледа како да придобиваат сизифовски карактер и стојат надвор од масовното однесување.

Изборот на авторите од изложбата произлегува од нивната поврзаност и нивната желба за ваков вид на комуникација. Самите автори во контактите помеѓу нив гледаат можност за растење и збогатување на нивниот внатрешен свет, преку одгледување во уметноста на другиот и распознавање на различното убаво. Сите тие имаат утврден творечки пат и силна врска со луѓето околу нив.

Тука се среќаваат дела, во кои основен изразен елемент е цртежот, како „портретираните сеќавања“ на Јана Манева-Чупоска, цртежите на Валтер Праташ, инспирирани од водите на Атлантикот кај Азорските острови, црно-белите графики на кои се гледаат животински глави на Павел Целкоски, графиката „Долината на соништата“ со структура од отворени ќелии на Зоран Мише, како и новите графики со „белешки“ на Иво Пецов. Се среќаваат и такви кои говорат главно преку бојата и линијата, при што создаваат една форма на поетичност, тоа може да се види на делата на Беди Ибрахим. Апстрактни се контрастните пробиви во спомени насликани врз платната на Марјан Ѕингаров, колористичките хармонии и потрагата на пејзажни траги во делата на Дејан Иванов – Маргуш. Тука се сликарските визии „спуштени“ во момент на медитација и одразени врз творбите на Перица Георгиев – Пепси. Сликарските формати со налик на телевизиски или компјутерски екран, во кои се одигрува драмата на смислата се на Свилен Стефанов. Фотореалистичното сликарство и фотографските портретни творби се на Росен Тошев. Играта со светлината на созополското и балканско сонце се отпечатила во цијанотипиите на Рикардо Кварежма Виејра, а Гордана Вренцоска се инспирирала од фолклорот и историјата на уметноста за создавањето на нејзините дигитални графики. Тука е и новиот дигитален триптих, на кој е предаден моментот на избледувањето на реалноста и нејзиното претворање во етерични слики од сонот на Маријана Иванова. Момчил Мирчев ги бара сензибилните состојби во тридимензионалната скулптура, а Золтан Ференц во своето видео се изразува преку движењето на сивите речни води.

Нашето творештво во голема мера е огледало на животот, таков како што сите го гледаме денес – без единствена естетичка насока, со голема разновидност на гледиштата, мислењата и осетите за убаво и значајно. Споменатото природно ја пораѓа и потребата од изразување со различни видови техники на визуелната уметност, а тоа е причината во оваа селекција да не се обележани ограничувања од овој вид.

Видот на секоја една од нашите изложби во минатото е различен. Оваа сега е уште една нова визија за нас самите. Времето нѐ променуваше, а ние ги остававме нашите отпечатоци врз материјалот со којшто работевме, за да разбереме колку не сме истите, коишто бевме порано. Колку и да се обидуваме да се сместиме во некакво конкретно разбирање за нашата исклучителност, да се диференцираме како непроменлива константа, толку повеќе ќе го погубуваме животот и неговиот основен квалитет – неговата игривост. При организирањето на овие уметнички настани ги баравме обединувачките црти на хуманото од длабочините на творечкото единство, она кое ги исчистува сите вештачко создадени линии на поделба и аномалии во здравјето на човештвото.“

д-р Иво Пецов, куратор